Потемнувањето на накитот од сребро најчесто е резултат на хемиска реакција со честичките на кислород или сулфур во воздухот. Но исто така и во допир со сол, директна сончева светлина, хлорирана вода и др.
Но ова не значи дека потемнетите парчиња накит треба да се занемарат или фрлат!
Со неколку едноставни совети може да научите да се грижите за нив и секогаш да изгледаат како нови, но и да траат уште многу години!
Пред се најважна е превенцијата од потемнување. Најчести грешки кои ги правиме во користењето на накитот од сребро се тоа што НЕ го вадиме од нас пред да си легнеме да спиеме, кога спортуваме, се бањаме или миеме садови и чистиме! Да се избегнува контакт со хемиски средстава за чистење, парфеми, продукти за коса, козметика, пот, вода.. Треба да запамтиме дека накитот се аплицира последен пред да излеземе, а се вади прв откога ке се вратиме дома!
Втор чекор кон превенција од потемнување е местото и начинот на складирање и чување на накитот. Кога го складираме накитот најважно е да го заштитиме од самиот воздух и влажноста, што значи да го чуваме на суво, ладно, затворено место и подалеку од директна сончева светлина! Секое парче накит од сребро треба да се чува одделно, а доколку се во иста кутија НЕ треба да се допираат меѓусебно за да се избегне гребење и заплеткување. Да не се чуваат во хартиени, картонски или памучни кутии бидејќи може да содржат сулфур и да придонесат кон потемнување. Може и да се додадат силконски кесички за собирање на влага (кои често ги наоѓаме во кутиите од новите кондури).
Кога ќе дојде ред да го чистиме нашиот накит откога потемнел, наједноставен начин е со триење со крпа за полирање на сребро. Ова овозможува нежно чистење без да се изгребе среброто. Доколку немате крпа за полирање на сребро може да се искористи микрофибер крпа или крпа (марамче) за чистење на наочари. Да се применуваат движења напред- назад при триењето, а не кружни движења!
Друг начин на чистење на накитот од сребро е со вода и сапун! Сапунот не треба да содржи амоњак и фосфат, а водата треба да е млака. По миењето обавезно да се исуши и избрише со сува крпа.
Сода бикарбона со вода е еден од начините на чистење на среброто. Се прави паста од овие состојкии и со чисто крпче се нанесува мала количина врз накитот и се полира со нежно триење. Потоа се измива со млака вода и се брише со сува и чиста крпа.
Некои средства кои се специјално наменети за чистење на србро се многу абразивни и можеби ќе го светнат среброто веднаш, но на долгорочен план ќе предизвикаат уште побрзо повторно да потемни! Маснотијата која ја имаме на кожата и ја пренесуваме не секогаш штети, и не треба да се отстранува од сребрениот накит бидејќи му служи како заштита од надворешните влијанија.
Сепак треба да запамтиме дека некои парчиња накит се дизајнирани да фатат патина (да потемнат) со тек на време, и добро им стои!
Внеси ја твојата е-маил адреса и добивај ги најновите информации.